Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го заврши циклусот на засилени инспекциски контроли кои беа спроведени во објекти и оператори со храна лоцирани во непосредна близина на основните и средните училишта, места каде учениците најчесто купуваат храна.
Како резултат на 445 извршени инспекциски контроли во изминативе десеттина дена, АХВ изрече 15 забрани за вршење на дејност. Запленети и нештетно уништени се вкупно 696 килограми небезбедна храна и производи од непознати добавувачи.
Акцентот на контролите беше ставен на безбедноста и хигиената на храната. Утврдено е дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, додека кај 30 се утврдени незадоволителни хигиенски барања. Покрај тоа, дури 26 од вкупно контролираните субјекти не биле воопшто регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Инспекторите утврдија и низа пропусти во работењето: 16 оператори немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а алармантен е податокот дека 32 вработени лица немале спроведено задолжителен здравствено-санитарен преглед. Тројца оператори немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, а 7 од контролираните објекти не ги задоволувале техничките услови за вршење на дејноста. Несоодветно означена храна со контролите била затекната кај седуммина оператори со храна.
За утврдените недоследности, изречени се и парични казни за 77 оператори, во вкупна вредност од 36.470 евра во денарска противвредност. Издадени се 103 решенија со наредби за отстранување на утврдени недоследности и изречени се и 23 опомени.