Сузбиена криминална група инволвирана во криумчарење мигранти

Сузбиена криминална група инволвирана во криумчарење мигранти

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информираше за успешна координирана полициска операција, спроведена на 16.11.2025 година, со која беше сузбиена криминална група инволвирана во криумчарење мигранти и изнуда.

Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции и Одделот за криминалистичка полиција, ја спровеле акцијата врз основа на претходно добиени оперативни сознанија.

При преземањето на мерките, во местото викано Ресуљка, во близина на граничната линија со Република Србија, беа откриени два импровизирани кампови. Во нив се пронајдени вкупно осум илегални мигранти, од кои двајца државјани на Пакистан и шестмина од Авганистан, меѓу кои и две деца.

Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против пет лица, сите државјани на Авганистан: З.Х.(20), Џ.Д.(31), В.Х.(34), А.Ш.(37) и едно 15-годишно лице.

Тие се осомничени за сторено кривично дело „Криумчарење мигранти“ по членовите 418-а и 418-б од Кривичниот законик.

Според полициските информации, пријавените во повеќе наврати ги прифаќале и илегално пренесувале мигранти од Грција до импровизираните кампови, дејствувајќи како водичи. Откако ги засолнувале, осомничените З.Х. и Џ.Д. со употреба на сила и закана, од мигрантите изнудувале парични средства за да им овозможат понатамошно префрлање на територија на Србија, а со крајна дестинација земјите од Европската унија.

Следете ги најновите вести на Viber
Сузбиена криминална група инволвирана во криумчарење мигранти