Првата делница во должина од 12 километри од автопатот Прилеп-Битола ќе биде пуштена во сообраќај во 2027 година, додека до крајот на 2028 година се планира да бидат асфалтирани вкупно 28 километри од трасата. Оваа динамика на градежните активности беше презентирана на денешниот работен состанок меѓу градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, претседателот на Советот Бојан Бојкоски и претставниците на конзорциумот „Бехтел и Енка“.
На средбата, на која присуствуваше и помошник-раководителот на секторот за економски развој на Општина Битола, Венцо Шишкин, новиот проектен менаџер на „Бехтел и Енка“, Ашвин Рао, заменик-раководителот Џанберк Атилла и менаџерот за одржливост Винсент Нугареде информираа за тековниот напредок на проектот. Според планот, во текот на 2027 година ќе се изведуваат градежни работи и на делницата пред Битола, додека преостанатиот дел од автопатот кон Прилеп ќе биде ставен во функција последен, откако на терен претходно ќе бидат решени постапките за експропријација и дислоцирање на постојната инфраструктура.
За време на работниот состанок беше најавено и организирање на саеми за вработување во Битола и во Прилеп, преку кои ќе се врши ангажирање на локална работна сила за потребите на изградбата на автопатската делница.
Од локалната самоуправа информираат дека координацијата со изведувачот продолжува со цел непречено одвивање на инфраструктурните зафати што се од клучно значење за поврзувањето и економскиот развој на пелагонискиот регион.

