Компанијата „Текнопанел“ планира проширување на својата инвестиција во земјава во вредност од пет милиони евра, при што со реализацијата на новиот инвестициски циклус се очекува отворање на 100 нови работни места. Овие планови беа тема на денешната работна средба меѓу директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, и членот на Одборот на директори на „Текнопанел“ и управител на компанијата во Скопје, Хуријет Демирорс.
За време на разговорот се разгледани тековните деловни активности на компанијата и конкретните чекори за натамошно зголемување на капацитетите. Демирорс ги презентираше предвидените вложувања и потребата од ангажирање нов кадар што ќе произлезе од проширувањето, истакнувајќи го значењето на редовната институционална комуникација и соодветната поддршка при спроведувањето на долгорочни инвестициски проекти.
Директорот Димовски го поздрави најавеното проширување како значаен чекор во развојот на компанијата и потврда за довербата во условите за инвестирање во државата. Тој ја нагласи подготвеноста на ДТИРЗ да ја обезбеди потребната институционална поддршка во рамките на своите надлежности за успешна реализација на проектот.
Од ДТИРЗ посочуваат дека поддршката на постојните инвеститори и создавањето поволен амбиент за нови вложувања остануваат меѓу клучните приоритети на институцијата, особено кога тие директно придонесуваат за отворање нови работни места и зајакнување на домашната економија.

