Официјално започна откупот на годинешната реколта тутун, при што откупната цена за прва класа изнесува 435 денари за килограм. Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, за време на денешната посета на откупниот пункт на Тутунскиот комбинат во Прилеп, кој отвори 34 откупни пунктови на кои веќе се откупени повеќе од шест тони тутун.
Според проценките на ресорното министерство, се очекува повеќе од 96 проценти од годинешниот род да биде откупен како прва класа, со што ќе се обезбеди стабилност на откупната цена која е утврдена по барање на самите производители. Површините засадени со тутун годинава бележат зголемување во споредба со минатата година и изнесуваат околу 15.100 хектари, од кои се очекува вкупен принос меѓу 26 и 30 милиони килограми, што ќе се откупува согласно претходно склучените договори.
Министерот Серафимовски најави дека во координација со Сојузот на тутунари ќе биде предложено ново програмско решение со кое субвенцијата за тутун од прва класа ќе се зголеми од 80 на 90 денари по килограм. Како што појасни, предложените измени предвидуваат укинување на основната мерка и мерката за зелена нафта, а за сметка на тоа производителите да добијат дополнителни десет денари субвенција за предадениот тутун.
Покрај првата класа која се откупува за 435 денари, тутунот од втора класа се откупува по цена од 370 денари, додека за трета класа откупната цена изнесува 305 денари за килограм. Од Министерството информираат дека Државниот инспекторат за земјоделство е присутен на терен уште од првиот ден, а во наредните денови инспекциските контроли ќе ги опфатат сите 317 откупни пунктови на десетте регистрирани откупувачи низ државата.

