Изработката на новиот просторен план на Македонија ќе понуди нов инфраструктурен концепт и ќе ги даде клучните насоки за долгорочен развој на државата, овозможувајќи бенефити за целокупното општество. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на настанот по повод 20 години постоење на Агенцијата за просторно планирање.
Николоски потенцираше дека Агенцијата има централна улога во обликувањето на иднината на државата преку овој стратешки документ. Тој објасни дека Македонија, како природна крстосница меѓу Југоисточна и Централна Европа, мора максимално да ја искористи својата геостратешка положба на Коридорите 8, 10 и 10-д.
Новиот план предвидува интензивен развој на автопатиштата, железничките поврзувања и формирање на мултимодуларни јазли, особено на вкрстувањето на двата клучни коридори.
Во делот на енергетиката, вицепремиерот нагласи дека државата се движи кон тоа да стане енергетска раскрсница во регионот. Во таа насока се планира изградба на нови интерконектори со Грција и Србија, како и зајакнување на далноводното поврзување со Албанија преку линијата Охрид-Елбасан.
Министерството за транспорт, во рамки на стратешките политики на Владата, веќе работи и на изработка на современ софтвер за развој и управување со геопросторни податоци.