Силен прв квартал за „Гранит“: Скокнаа приходите од изградбата на автопатот Кичево-Охрид

Силен прв квартал за „Гранит“: Скокнаа приходите од изградбата на автопатот Кичево-Охрид

Градежата компанија ГД Гранит АД Скопје прикажа одлични финансиски резултати во првите три месеци од 2026 година, поттикнати од интензивирањето на работите на крупните инфраструктурни проекти во земјава.

Според најновиот неревидиран консолидиран извештај, компанијата во периодот јануари–март оствари вкупни приходи од 14,88 милиони евра (914,9 милиони денари), што претставува скок од 52 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Клучниот двигател на овој раст се приходите од продажба кои достигнаа 14,49 милиони евра и бележат зголемување од 59 проценти. Како што појаснуваат од раководството на Друштвото, ваквиот напредок се должи пред сè на зголемениот обем на градежни активности на автопатската делница Кичево–Охрид, како и на уште неколку други актуелни проекти.

Паралелно со растот на бизнисот, вкупните расходи на „Гранит“ во првиот квартал се зголемија за 49 проценти и изнесуваат 14,54 милиони евра, што е во согласност со зголемениот интензитет на теренската работа. На крајот од овој период, компанијата успеа да прокнижи чиста консолидирана добивка од 337.000 евра.

Вкупната сеопфатна добивка е речиси двојно повисока и изнесува приближно 649.500 евра, благодарение на дополнителните 312.400 евра нереализирана добивка, која се појави како резултат на растот на пазарната вредност на акционерското портфолио што го поседува компанијата.

Во делот на капиталните вложувања, градежното друштво инвестираше 616.000 евра во нови основни средства во текот на првите три месеци. Што се однесува до исплатата на дивиденда, од компанијата информираат дека во првиот квартал не се носеле такви одлуки бидејќи Годишното собрание на акционери на кое ќе се дефинира распределбата на профитот за цела 2025 година е закажано за средината на мај 2026 година.

И покрај сложените економски услови во земјата, очекувањата на менаџерскиот тим за претстојниот период остануваат оптимистички. Компанијата е фокусирана на обезбедување нови договори во патната и железничката инфраструктура преку претстојните државни тендери, а истовремено се залага за побрзо финализирање на веќе почнатите тендерски процедури со цел да го задржи силното темпо на раст.

Асоцијација (03 јуни 2026)