Компанијата „Пурпласт“ инвестира нови 15 милиони евра и отвора 200 нови работни места

Компанијата „Пурпласт“ инвестира нови 15 милиони евра и отвора 200 нови работни места

Постоечкиот странски инвеститор „Пурпласт“ започнува нов, голем инвестициски циклус во земјава, кој предвидува сериозно проширување на нивните производствени капацитети во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 2.

На официјалната средба помеѓу директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, и извршниот директор на компанијата, Мехмет Шишманоглу, беа финализирани деталите за оваа нова инвестиција вредна 15 милиони евра. Проектот се очекува директно да придонесе за зајакнување на домашната економија преку отворање до 200 нови работни места за македонските граѓани.

За време на разговорите беа детално разгледани тековните активности на компанијата, како и конкретните чекори и динамиката според која ќе се реализира новиот инвестициски проект. Од страна на менаџментот на „Пурпласт“ беше упатена јавна благодарност до Дирекцијата за ТИРЗ за досегашната институционална поддршка и професионална соработка. Претставниците на компанијата нагласија дека одлуката за проширување е донесена врз основа на досегашните одлични резултати и позитивни искуства од работењето во Македонија, како и поради стабилноста и довербата што ја имаат во државните институции.

Новите средства ќе бидат искористени за изградба на нови погони и воведување на современи производствени линии, со што компанијата значително ќе го зголеми својот извозен капацитет и ќе ја зајакне сопствената позиција на меѓународните пазари.

Директорот на ДТИРЗ, Гоце Димовски, истакна дека ова вложување претставува клучен чекор во понатамошниот развој на „Пурпласт“, но воедно е и силен сигнал за целата деловна заедница. Според него, кога една компанија која веќе работи на домашниот пазар ќе одлучи повторно да инвестира милионски суми, тоа е најдобар и најкредибилен доказ дека државата нуди стабилно, предвидливо и конкурентно деловно окружување. Димовски порача дека Дирекцијата останува максимално фокусирана на поддршка на инвеститорите, со цел технолошко-индустриските зони да продолжат да бидат главниот мотор на индустрискиот раст и вработувањата во земјата.

Асоцијација (17 јуни 2026)