Уникатниот македонски рубин и официјално е заштитен како национален полускапоцен камен, со што државата за првпат добива сопствен, институционално заштитен минерален симбол. Процесот за негова заштита започна во септември 2025 година, а по комплексен и детален потфат кој бараше интензивна меѓуинституционална координација, постапката деновиве и формално е заокружена со донесување на соодветното решение.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, објави дека со овој чин македонскиот рубин добива статус на заштитено национално минерално наследство и станува трајно обележје на националниот идентитет. Таа упати благодарност до Геолошкиот завод и Државниот завод за индустриска сопственост за посветената работа на стручната документација.
Министерката најави дека ова е само почеток на поширока стратегија, бидејќи во претстојниот период Министерството ќе започне постапки за заштита и на други уникатни минерални богатства во државата, со посебен фокус на одредени специфични видови на македонски мермер.
Овој успех од исклучителен јавен интерес беше реализиран и благодарение на високата општествена одговорност на Дејан Шкартов – Деко, долгогодишен промотор и преработувач на овој полускапоцен камен. Тој доброволно отстапи од своите претходно стекнати права врз рубинот, ставајќи го државниот интерес пред личниот, со цел минералот да стане национално добро достапно за сите граѓани и идни генерации.
Во рамките на Министерството, во процесот активно учествуваа државните советници Филип Петровски и Анита Петровска Рајковиќ, заедно со правниот тим, додека клучна институционална поддршка дадоа директорот на Геолошкиот завод, Ивица Андов, и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Елјеса Незири.
Од научен и естетски аспект, македонскиот рубин претставува вистински геолошки уникат на европскиот континент. Станува збор за специфичен минерал корунд кој се одликува со препознатлива и уникатна малиново-розева боја, која настанува како резултат на природното присуство на елементот хром во неговата кристална структура. Неговата најголема посебност лежи во географската локација – тој се среќава исклучиво во околината на Прилеп и на планинските масиви во Мариово. Со тоа, македонскиот рубин е единствениот природен рубин во копнена Европа кој целосно се ископува и се обработува локално, што му дава непроценлива естетска, колекционерска, но и културно-историска вредност за државата.







