Коридорот 10 е иднината на регионалната трговија и економското поврзување на Југоисточна Европа, порача заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од Самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“, што денеска се одржува во Солун. На самитот присуствуваат високи претставници на Европската Унија, предводени од еврокомесарот за транспорт и мобилност, Апостолис Цицикостас, како и министри од земјите од Западен Балкан и претставници на меѓународните финансиски институции.
Вицепремиерот Николоски истакна дека јасната посветеност и заедничката определба на владите на Грција, Македонија, Србија и Хрватска за инвестирање во железничкиот Коридор 10 претставува силна порака за идниот економски развој. Овој чекор, според него, дополнително ја нагласува важноста на македонската инвестиција во изградбата на брза пруга, со оглед на тоа што овој коридор е економски најжив и стратешки најзначаен во регионот. Тој додаде дека ваквиот пристап директно ќе донесе економски бенефит и долгорочна оправданост за земјава.
Покрај железничкиот сообраќај, Николоски се осврна и на патната инфраструктура, потсетувајќи дека Македонија веќе има комплетен автопат по должината на Коридорот 10 од граница до граница, каде што сега се преминува во фаза на модернизација. Во соработка со Светската банка, во тек се подготовки за брза имплементација на Интелигентни транспортни системи (ИТС), како и за подобрување и забрзување на царинските процедури. Со заокружување на овие процеси, Македонија ја надградува својата позиција и геостратешка важност како клучна раскрсница на двата паневропски транспортни коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10.







