Нова зграда и повеќе простор за авиони: Реконструкцијата на Охридскиот аеродром ќе биде готова до крајот на летото

Нова зграда и повеќе простор за авиони: Реконструкцијата на Охридскиот аеродром ќе биде готова до крајот на летото
Сподели:

Градежните работи за целосна реконструкција и модернизација на Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ се во завршна фаза, информираше денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, за време на неговата работна посета на Општина Дебрца. Според неговите очекувања, сите активности ќе финишираат до крајот на ова лето, со што Охрид ќе добие значително зголемен капацитет за привлекување нови авиокомпании и поголем број патници.

На терен во моментов паралелно се одвиваат четири крупни проекти, чиј прогрес е проценет на 80 до 90 отсто од реализацијата. Со овој голем инфраструктурен зафат, аеродромот ќе добие комплетно нова административна зграда, модернизирана терминална зграда, како и проширен и обновен простор за полетување и слетување на авионите.

Министерот Николоски најави дека од 15 август започнува координираната подготовка на сите надлежни институции – Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), контролата на летање М-НАВ, Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Царината и Министерството за внатрешни работи (МВР). Нивниот ангажман ќе овозможи аеродромот веднаш да биде целосно функционален и да ги исполнува сите највисоки меѓународни безбедносни стандарди.

Николоски изрази задоволство што Охридскиот аеродром веќе бележи континуиран раст на патници и во апсолутни бројки и во проценти според последните извештаи, потенцирајќи дека новата инфраструктура дополнително ќе го забрза овој позитивен тренд и ќе го развие воздухопловниот потенцијал на регионот.