Управата за јавни приходи (УЈП) излезе со најостра осуда по повод физичкиот напад и попречувањето на службените лица при извршување на нивните законски овластувања. Инцидентот се случил за време на спроведување редовна даночна контрола на познатиот локалитет Куклица.
Од Управата потенцираат дека ниту еден службеник не смее да биде изложен на насилство, закани или какви било притисоци додека ја извршува својата законска должност. Според нивното соопштение, нападот врз даночен контролор не претставува само директен атак врз вработените во УЈП, туку е и сериозен напад врз владеењето на правото и врз институциите на самата држава.
Раководството на Управата изрази целосна поддршка за своите колеги кои професионално и совесно ги извршуваат работните задачи на терен. Од таму упатија јасен апел и очекување до надлежните правосудни и полициски институции во најбрз рок целосно да го расчистат случајот и да обезбедат соодветна законска одговорност за сторителот на насилството.
Од УЈП порачуваат дека остануваат цврсто определени да ги спроведуваат законите еднакво кон сите даночни обврзници, без никакви отстапки и без страв, нагласувајќи дека насилството никогаш нема да биде причина институциите да се повлечат од своите законски обврски. Воедно, упатен е апел до граѓаните и бизнис секторот да соработуваат со службените лица за да се овозможи средина во која законите се почитуваат, бидејќи насилството не смее да стане средство за избегнување на даночните обврски.

