Заврши реставрацијата на четирите скапоцени крстови од Бигорската ризница, изработени од зографите Михаил и Даниил

Заврши реставрацијата на четирите скапоцени крстови од Бигорската ризница, изработени од зографите Михаил и Даниил
Сподели:

Во Бигорската свештена обител денеска се заокружи еден од најзначајните конзерваторски потфати за заштита на манастирското духовно и културно наследство. Директорот на Националниот конзерваторски центар (НКЦ) – Скопје, м-р Александар Јорданоски, заедно со стручниот тим, оствари работна посета на манастирот по повод успешното комплетирање на реставрацијата и конзервацијата на четирите историски литијни крстови од богатата Бигорска ризница.

Гостите беа срдечно пречекани од игуменот на манастирот, епископот Антаниски г. Партениј. На средбата се разговараше за натамошно унапредување на соработката меѓу државните конзерваторски институции и Бигорската обител, со цел трајно и стручно зачувување на бесценетото илјадагодишно наследство.

Процесот на непосредна заштита се одвиваше во две фази. Првите два литијни крста беа вратени во манастирот во септември 2024 година, додека пред два дена, на 15 јули, пристигнаа и последните два реставрирани крста: „Распетие Христово / Вознесение Христово“ и „Распетие Христово / Воскресение Христово“. Станува збор за исклучителни ремек-дела од 19 век, изработени од прочуените зографи Михаил од Самарина и неговиот син Димитар (монах Даниил), кои претставуваат врв на православната сакрална уметност на овие простори преку спој на иконопис, резба и позлата.

Комплексните конзерваторско-реставраторски зафати беа предводени од д-р Јехона Спахиу Јанчевска (раководител на истражувањата) и м-р Невенка Величковска (раководител на непосредната заштита). Со тимот од НКЦ беше извршена детална стручна обработка на дрвените носачи, консолидација на материјалите, чистење од стари несоодветни лакови, китирање, ретуширање и заштита на металните елементи. Како посебен дар од стручниот тим, за крстовите беа изработени и специјални уникатни постаменти.

Епископот г. Партениј упати огромна благодарност до менаџментот и стручните лица на НКЦ за нивниот високопрофесионален и научно-темелен пристап во обновувањето на светињите. Паралелно со овој проект, во изминатите денови во Бигорски беа започнати и нови конзерваторски истражувања на три вредни икони („Воведение на Пресвета Богородица во Храмот“, „Свети Николај“ и „Симнување во адот“), со што продолжува долгорочната и систематска грижа за заштита на македонското културно богатство.