Сијарто: Украина повторно го нападна нафтоводот кон Унгарија

Сијарто: Украина повторно го нападна нафтоводот кон Унгарија

Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, денеска остро ја осуди Украина, тврдејќи дека земјата повторно извршила напад врз нафтоводот кој ги снабдува со нафта Унгарија и останатите земји во регионот. Според него, овој напад е „безобразен и неприфатлив“ и претставува директен удар врз енергетската безбедност на Унгарија.

Сијарто изјави дека бил информиран од рускиот заменик-министер за енергетика, Павел Сорокин, дека експерти работат на поправка на трансформаторската станица неопходна за функционирање на нафтоводот. Сепак, засега немаат информации кога испораките на нафта ќе продолжат.

Според министерот, ова не е првпат Унгарија да се соочи со вакви обиди. „Веќе 3.5 години Брисел и Киев се обидуваат да ја вовлечат Унгарија во војната во Украина. Овие повторени украински напади врз нашето енергетско снабдување служат токму за таа цел“, изјави тој.

„Ова не е наша војна. Ние немаме ништо со неа, и сѐ додека ние сме на власт, Унгарија ќе остане надвор од неа.“ - додаде Сијарто.

На крајот од објавата, унгарскиот министер упати и предупредување кон украинските власти, истакнувајќи дека електричната енергија од Унгарија има клучна улога во снабдувањето на Украина.