Австрискиот, холандскиот и германскиот капитал со најголем странски удел во македонскиот бизнис сектор

Австрискиот, холандскиот и германскиот капитал со најголем странски удел во македонскиот бизнис сектор
Сподели:

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика за 2024 година, во деловниот сектор во земјава се регистрирани 3.280 домашни претпријатија под странска контрола, што претставува 4,7 проценти од вкупниот број активни деловни субјекти. Иако учествуваат со релативно мал процент во вкупниот број компании, овие странски филијали имаат клучна улога во националната економија. тие ангажираат 24,2 отсто од вкупно вработените и генерираат 37 проценти од вкупната бруто-додадена вредност.

Анализирано по сектори, најголем придонес во создавањето на додадената вредност кај претпријатијата контролирани од странство има Преработувачката индустрија со удел од 35,3 проценти. По неа следува секторот Информации и комуникации, кој учествува со 16,7 отсто, додека секторот Трговија на големо и мало, заедно со поправката на моторни возила, учествува со 11,5 проценти.

Најголемиот дел од странските филијали, односно дури 92,8 проценти, се под контрола на капитал од европските земји. Притоа, земјите членки на Европската Унија контролираат 44,6 отсто од овие компании, во кои работат 62,8 проценти од сите вработени во овој сектор и создаваат 61,9 отсто од вкупната додадена вредност.

Гледано по поединечни држави, најголемо економско влијание врз додадената вредност имаат филијалите под контрола на Австрија со 17,4 проценти, по што следуваат Холандија со 11 проценти, Германија со 9,7 проценти и Обединетото Кралство со 9 проценти.