Вкупниот прогрес на пругата Бељаковце-Крива Паланка достигна 40 проценти, се гради најголемиот мост во должина од 194 метри

Вкупниот прогрес на пругата Бељаковце-Крива Паланка достигна 40 проценти, се гради најголемиот мост во должина од 194 метри
Сподели:

На железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка, која е дел од Коридорот 8 во должина од 34 километри, се бележи интензивирање на градежните работи на сите клучни позиции на теренот, информираше директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски.

Во моментов активните градежни зафати се фокусирани на мостот број 7, кој со својата должина од 194 метри претставува најдолг објект од овој тип на трасата. Овој мост е еден од вкупно трите новопредвидени мостови што досега не беа изградени, од вкупно 29 објекти планирани на оваа делница.

Паралелно со новата изградба, се одвива и процесот на производство на бетонските елементи потребни за целосна санација на преостанатите 26 мостови кои беа делумно изградени уште во текот на 1990-тите години. За оваа намена е предвидено производство на вкупно 352 бетонски елементи. Досега се успешно изработени 71 елемент, а производството се одвива со утврдена динамика од околу 10 елементи неделно.

Според Ивановски, вкупниот прогрес на проектот Бељаковце-Крива Паланка во моментов изнесува околу 40 проценти. Очекувањата и градежните проекции се до крајот на оваа година реализацијата на терен да достигне половина од вкупните предвидени работи, односно 50 проценти од проектот.