Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска соопшти дека е завршена постапката за избор на изведувач за реконструкција на Универзалната сала во Скопје по принцип „Клуч на рака“, означувајќи го крајот на повеќе од една деценија застој во реализацијата на овој капитален проект.
„По повеќе од една деценија застој, Скопје конечно ќе ја добие Универзалната сала во сјајот што го заслужува, ќе стане симбол на културата на нашиот град“, изјави министерот Љутков.
Министерството донесе Одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка, а по завршувањето на законските рокови и потпишувањето на договорот, се очекува веднаш да започнат градежните активности.
Министерот Љутков истакна дека успеале да го откочат процесот, преземајќи ги сите потребни мерки, вклучувајќи изработка на нова проектна документација, измени на постојниот проект и обезбедување на предуслови за успешна реализација.
Обновената Универзална сала, која досега беше домаќин на над 5.000 настани и ја посетиле над 5.800.000 граѓани, повторно ќе стане центар за културни настани и собирање на скопјани. Дополнително, најавено е дека објектот ќе биде дел од манифестацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Според најавите, рокот за реализација на проектот е предвиден до декември 2027 година.