Јапонската премиерка смета дека воена интервенција врз Тајван од страна на Кина може да го загрози опстанокот на Јапонија

Јапонската премиерка смета дека воена интервенција врз Тајван од страна на Кина може да го загрози опстанокот на Јапонија

Односите помеѓу Кина и Јапонија се најдоа на најниско ниво во последните години, откако јапонската премиерка Санае Такаичи јавно проговори за можна воена интервенција во случај на напад врз Тајван од страна на Кина.

Според Такаичи, кинеска воена акција против Тајван би можел да го загрози опстанокот на Јапонија.

Кинеската амбасада во Јапонија издаде предупредување до своите граѓани да избегнуваат патувања во земјата, наведувајќи зголемени ризици за личната безбедност.

Големите кинески авиокомпании, вклучувајќи ги Air China и China Southern, понудија целосно враќање на средствата или бесплатни промени на сите резервации за Јапонија до крајот на годината.

Акциите на јапонските туристички и малопродажни компании забележаа пад, со оглед на тоа што кинеските туристи се едни од најбројните потрошувачи во Јапонија.

Тензиите не се ограничени само на Тајван. Кинеската крајбрежна стража ја засили својата активност околу спорните острови во Источното Кинеско Море, испраќајќи бродови во водите контролирани од Јапонија, што Токио го смета за директна провокација.

Јапонските власти истакнаа дека позицијата на Токио за Тајван останува непроменета и испратија висок дипломат во Пекинг за да се обиде да ја деескалира ситуацијата.

Министерството за надворешни работи на Кина ја осуди изјавата на Такаичи и предупреди на жесток одговор доколку некој се обиде да се меша во процесот на обединување на Кина со Тајван.

Следете ги најновите вести на Viber
Јапонската премиерка смета дека воена интервенција врз Тајван од страна на Кина може да го загрози опстанокот на Јапонија