Од Скопје до Атина за пет часа: Николоски најави дека изградбата на Коридорот 10д ќе го скрати патувањето за три часа

Од Скопје до Атина за пет часа: Николоски најави дека изградбата на Коридорот 10д ќе го скрати патувањето за три часа

Вицепремиерот Николоски на Економскиот форум во Виена ги претстави амбициозните планови на Македонија за капитални инвестиции во транспортната инфраструктура, најавувајќи дека земјата започнува со најголемите проекти на главните европски Коридори 8 и 10.

Во однос на патната мрежа, Николоски најави дека се работи на изградба или завршување на автопати на целиот Коридор 8 – од границата со Албанија до границата со Бугарија. Вкупната инвестиција во автопати и експресни патишта на Коридорот 8 ќе достигне околу 1,5 милијарди евра, а истовремено се реконструираат и надградуваат граничните премини.

Дополнително, се гради и Коридорот 10д, најголемиот автопат некогаш изграден во државата, кој ќе го скрати патувањето меѓу Скопје и Атина за околу три часа.

„Го развиваме и коридорот 10д – коридорот кој го крати растојанието меѓу Атина и Скопје. Ако во моментов се патува осум до осум и пол часа, со ова ќе се скрати на пет до пет и пол часа.“ - изјави Николоски.

Како најголем предизвик и шанса, Николоски ја наведе изградбата на брзата железница на Коридорот 10. Овој мега-проект, проценет на околу 2 милијарди евра, ќе овозможи патнички возови да возат со 250 км/ч, а товарни со 140 км/ч, користејќи ги најдолгите можни возови во Европа. Со поврзувањето на Белград-Ниш-Скопје-Солун, ќе се скрати времето за снабдување на Европа од Атина и Солун, од 21-24 дена преку северните пристаништа.

За реализација на оваа брза пруга, е потпишан договор за стратешко партнерство со Велика Британија. Почетокот на изградбата се очекува на пролет следната година, со цел целосно завршување на двојната пруга до 2031 година, а се очекува годишен приход од транзит од околу 120 милиони евра.

На Коридорот 8 се работи и на железничко поврзување со Бугарија. Минатата недела е потпишан договор за заедничко спојување, а со вкупна инвестиција од двете земји од околу 2 милијарди евра ќе се оствари сонот на многу генерации за поврзување на Скопје и Софија. Воедно, се работи и на плановите за развој на западното крило на железницата за поврзување со Албанија и Јонското Море.

Следете ги најновите вести на Viber