Доктор и медицинска сестра од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ шверцувале ботокс преку поштенска пратка

Доктор и медицинска сестра од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ шверцувале ботокс преку поштенска пратка

Царинската управа поднесе кривична пријава против доктор и медицинска сестра вработени на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, под сомнение за сторени кривични дела криумчарење и царинска измама. Пријавените се обиделе во земјава нелегално да внесат 199 вијали ботокс што се користи во естетската медицина, со вкупна проценета вредност од 615.000 денари.

Случајот бил откриен на царинската испостава Скопје 1 при детална проверка на поштенска пратка пристигната од Јужна Кореја. Во приложената фактура стоело дека пратката содржи само десет козметички примероци во вредност од 80 долари, но при физичкиот преглед цариниците ги пронашле непријавените вијали со ботокс.

По налог на јавен обвинител, Одделението за истраги извршило претреси на три локации во рамки на предистражната постапка. Истрагата утврдила дека докторот ја нарачал стоката и се договорил со испраќачот за лажното декларирање, додека медицинската сестра прифатила пратката да пристигне на нејзино име и ја извршила уплатата од сопствената трансакциска сметка.

Од Царинската управа потенцираат дека увозот на ботокс е строго регулиран и бара посебни дозволи од надлежните здравствени институции. Секој обид за нелегален увоз на вакви препарати претставува директна опасност по здравјето на граѓаните, поради што најавуваат нулта толеранција и строги санкции за сите инволвирани во вакви измами.

Асоцијација (17 јуни 2026)