На предлог на Министерството за здравство, Владата ја усвои информацијата за формирање на посебен Центар за итна медицинска помош (ИМП) Скопје. Оваа системска реформа има за цел да воспостави поефикасен и поодржлив систем за итен медицински одговор, да го скрати времето за интервенција на терен и значително да ги унапреди капацитетите за спасување човечки животи.
Министерот за здравство, Азир Алиу, појасни дека со оваа измена службата ќе добие целосна организациска и оперативна самостојност. Новиот статус ќе овозможи посебно буџетско планирање, побрзо донесување одлуки, независно управување со ресурсите и подобар одговор на итните повици од граѓаните. Министерот нагласи дека не станува збор за создавање нов систем од нула, туку за модернизација и институционално зајакнување на постојната организација со цел подобар кадровски развој и попрецизно планирање на идните инвестиции.
Реформата ќе се реализира етапно, при што во првата фаза ИМП Скопје ќе се издвои како самостојна институција, а потоа постепено ќе следи интегрирање и на останатите служби за итна помош од земјава во рамки на единствениот центар. Овој модел се темели на позитивните искуства од регионот, каде итната медицинска помош веќе функционира како независна структура, што овозможува воспоставување на единствени професионални стандарди и подобра координација на медицинските тимови на терен.







