Наместо парите да се заробуваат во станови, граѓаните да можат да купат акции за ХЕЦ „Чебрен“

Наместо парите да се заробуваат во станови, граѓаните да можат да купат акции за ХЕЦ „Чебрен“

Граѓаните наместо да ги заробуваат парите во недвижности, бетон и железо, треба да добијат можност преку модел на акционерско друштво да учествуваат во финансирањето и изградбата на стратешките енергетски објекти, како што е хидроцентралата „Чебрен“.

Ова го истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, за време на тркалезната маса „Зајакнување на конкурентноста – Енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија“, во организација на економскиот институт „Фајненс тинк“. Според него, енергетиката не е привилегија само на државата и освен класичното кредитирање, инвестирањето во акции за вакви проекти е одлична алтернатива за слободниот капитал на граѓаните.

Претседателот на РКЕ се осврна и на енергетската транзиција, нагласувајќи ја најавата за реализација на когенеративната централа во Битола од страна на ЕСМ како јасен чекор кон ослободување од фосилните горива. Како следна клучна точка во фокусот на регулаторот тој ја најави е-мобилноста во транспортот. Ристов посочи дека додека развиените западни земји веќе имаат над 50% развиена е-мобилност, во Македонија тој процент изнесува само 1%, поради што РКЕ веќе започнува со подготовка на регулатива која ќе даде основа и динамика за развој на овој сектор.

Во однос на воведувањето на јаглеродната такса (CBAM), првиот човек на регулаторна укажа дека домашната струја во моментов не е конкурентна на европскиот пазар и е регионално ограничена, поради што е неопходно јасно одвојување на производителите кои користат обновливи извори од оние кои се потпираат на фосилни горива.

Асоцијација (17 јуни 2026)