Владата одлучи да започне со подготвителните активности за комплетна реконструкција на железничката пруга од Скопје до Кичево. Според министерот за транспорт, Александар Николоски, пругата е моментално во лоша состојба и не е во функција.
Проектот предвидува целосна реконструкција, поставување на современа сигнализација и електрификација на целата делница, со што ќе се овозможи сообраќање на електрични возови, за разлика од досегашната состојба кога можеа да сообраќаат само дизел возови.
Ова ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу градовите Скопје, Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево. За проектот веќе се разговарало со Европската Унија, која ќе обезбеди грант од 5,3 милиони евра. Овие средства се наменети за изработка на студии за изводливост, анализа на трошоци и придобивки, идејни проекти, проценка на влијанието врз животната средина и нацрт-текст за апликација за инвестициски грант.
Водечка финансиска институција за проектот ќе биде Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ќе избере консултантска фирма за изработка на студиите. Рокот за нивна изработка е 18 месеци, по што ќе се премине на втората фаза, односно на теренска работа.
Индикативната цена за делницата од Скопје до Гостивар се проценува на околу 4 милиони евра по километар.