Управата за јавни приходи (УЈП), во соработка со Општина Охрид, одржа информативно-работна средба со претставници на туристичкиот сектор од Охрид. На средбата учествуваа издавачи на соби, вили и апартмани, хотелиери, угостители и вршители на други туристички дејности.
Целта на оваа активност беше навремено запознавање на даночните обврзници со нивните законски обврски за пријавување на доходот, подобрување на даночната усогласеност и намалување на сивата економија во оваа дејност.
Пред присутните беше презентирана и пораката од кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, преку која се потенцира важноста од навремено пријавување и плаќање на данокот на личен доход.
Од УЈП појаснија дека сите физички лица кои издаваат апартмани, куќи, станови или соби имаат законска обврска да го пријават остварениот доход, без разлика дали имотот го издаваат на подолг рок или само неколку дена во месецот.
Обврската важи еднакво независно од тоа дали плаќањето се врши во готовина, преку трансакциска сметка или преку меѓународните дигитални платформи како што се Booking.com, Airbnb, Facebook, Tripadvisor и Kayak. Пријавувањето на остварениот доход од закуп и подзакуп се врши електронски преку системот за е-Даночни услуги, каде што данокот се пресметува на бруто доходот намален за признатите трошоци.
Посебно внимание на средбата беше посветено на ангажирањето сезонска работна сила, како што се готвачи, бармени, собари, рецепционери и друг персонал за одржување. Работодавачите беа потсетени дека за сезонски ангажман до 180 дена во годината мора да има соодветно формализиран работен однос, а придонесите и даноците се пријавуваат преку системите е-ПДД и МПИН.
Покрај тоа, беа опфатени и летните рекреативни дејности од времен карактер, како што се изнајмување педалинки, кајчиња, СУП даски, кајаци, но и продажба на ракотворби, сувенири и уметнички предмети. За овие дејности, физичките лица се должни пред започнување со работа да поднесат Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход (Образец ДЛД-П) до УЈП.

