Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во 2023 година, 2.6% од домашните претпријатија во деловниот сектор се странски филијали, односно претпријатија контролирани од странство. Тоа претставува 1.783 претпријатија кои работат под странска контрола.
Странските филијали имаат значајно влијание на македонската економија, со тоа што ангажираат 22.8% од вкупно вработените и генерираат 34.6% од вкупната бруто-додадена вредност. Најголемо учество во додадената вредност на овие претпријатија имаат секторите: Преработувачка индустрија (37.7%), Информации и комуникации (17.0%) и Трговија на големо и трговија на мало (12.2%).
Од податоците произлегува дека странските филијали се најмногу контролирани од европски земји, со што 90.6% од нив потекнуваат од Европа. Од тие, земјите членки на Европската унија (ЕУ) контролираат 57.5% од филијалите, во кои се ангажирани 63.9% од вработените и кои учествуваат со 64.2% во вкупната додадена вредност.
Меѓу економски најзначајните странски филијали во Македонија се оние под контрола на Австрија (16.9% учество во додадената вредност), Холандија (11.2%), Германија (10.1%) и Обединетото Кралство (9.1%).