Изградбата на современиот Картинг центар во месноста Моклиште во Кавадарци се одвива согласно предвидената динамика. Како што информираше градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, на теренот веќе е завршено тампонирањето, со што просторот го добива својот конечен изглед, а во следната фаза е предвидено поставување на осветлувањето.
Проектот се реализира на површина од 2.700 квадратни метри и опфаќа современа картинг патека со придружни објекти. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 35.247.407 денари, средства обезбедени преку вториот повик од Владата.
Подготвителните работи за изградба на овој спортско-рекреативен комплекс започнаа во мај годинава. Комплексот е дизајниран да им служи на рекреативните возачи, љубителите на автомобилизмот и да овозможи организација на помали натпревари и спортски настани.
Овој Картинг центар ќе понуди содржина за спорт, рекреација и забава која досега недостасуваше во регионот, истовремено збогатувајќи ја и туристичката понуда на Кавадарци.

