Претставници на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваа во регионална студиска посета на Република Србија, организирана со поддршка на Светската банка во рамките на иницијативата за енергетска ефикасност во зградите (ECA Energy Efficiency in Buildings Community of Practice).
Главниот фокус на оваа регионална иницијатива е размена на искуства и најдобри практики меѓу институциите од регионот, со посебен акцент на подготовката и имплементацијата на програми за енергетска ефикасност, иновативни модели за финансиска поддршка на домаќинствата, како и механизми за прецизно следење на остварените заштеди на енергија.
За време на посетата, претставниците од српското Министерство за рударство и енергетика и тимот задолжен за проектот SURCE ги презентираа своите практични искуства од спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност. Во рамките на презентациите се анализирани моделите за поддршка на енергетски ранливите домаќинства, методологијата за спроведување на јавните повици, како и координацијата меѓу централното и локалното ниво на власт.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини истакнуваат дека преку учеството во вакви регионални платформи се унапредува стручната соработка со меѓународните партнери, што овозможува побрзо пренесување на позитивните практики за намалување на потрошувачката на енергија и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

