Во текот на месец ноември започнува примената на донесените регулаторни промени со кои се воведуваат нови стандарди во националниот платен промет, информираат од Македонската банкарска асоцијација (МБА). Промените опфаќаат воведување нови платни налози, стандардизирани ознаки за целта на плаќањето и нов начин на означување на платежните сметки.
Од МБА нагласуваат дека за граѓаните и правните лица бројот на постојните платежни сметки останува непроменет. Главата промена се состои во тоа што сметките ќе се користат во IBAN-формат, односно со додавање на ознаката „МК07“ пред досегашниот број на сметката. Приспособувањето во електронското и мобилното банкарство ќе биде извршено автоматски од страна на банките.
Новините произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти на Народната банка, со цел модернизација и стандардизација на платните системи во државата.
Со почетокот на примената на новите стандарди ќе се воведат нови, стандардизирани платни налози кои во целост ќе ги заменат досегашните хартија и електронски обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53.
Покрај тоа, се менуваат и шифрите за целта на плаќањето - досегашните нумерички ознаки се заменуваат со нови четиризнаковни кодови, што ќе овозможи попрецизно дефинирање на намената на трансакциите и подобра обработка на податоците.
За компаниите што користат интегрирани сметководствени софтвери и автоматизирана размена на налози, банките дополнително ќе достават насоки за потребните технички приспособувања. Банкарскиот сектор веќе го привршува техничкото усогласување за транзицијата да се одвива непречено и без прекини во услугата.

