Пратките до 22 евра од „Тему“ и „АлиЕкспрес“ ќе се оданочуваат - Собранието ги изгласа измените на Законот за ДДВ

Пратките до 22 евра од „Тему“ и „АлиЕкспрес“ ќе се оданочуваат - Собранието ги изгласа измените на Законот за ДДВ

Собранието на Република Македонија ги усвои измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност (ДДВ), со што се укинува досегашното ослободување од ДДВ за онлајн пратки од странство чијашто вредност е до 22 евра.

Министерството за финансии истакнува дека спроведувањето на овие измени се очекува да има директни позитивни ефекти врз работењето на домашните компании. Со укинувањето на ослободувањето, средствата кои во одредени периоди достигнуваат околу 4 милиони денари месечно (колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи) се очекува да се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе помогнат во растот на локалните компании, креирањето нови работни места и подобрувањето на условите и платите на вработените.

Дополнително на поддршката на домашната конкурентност, новиот модел ќе придонесе за намалување на сивата економија. Досегашниот систем овозможуваше можни злоупотреби, односно увоз на стоки ослободени од ДДВ кои потоа неконтролирано се продаваа на домашниот пазар. Новите законски решенија ја спречуваат оваа пракса, обезбедувајќи пофер и контролирана пазарна средина.

Од Министерството за финансии потенцираат дека трошокот за пресметката и плаќањето на ДДВ нема да падне на товар на граѓаните, што значи дека нема да има промена на цените за крајните потрошувачи. Главната цел на мерката е да обезбеди фер конкурентност помеѓу домашните и странските онлајн продавници.

Следете ги најновите вести на Viber
Пратките до 22 евра од „Тему“ и „АлиЕкспрес“ ќе се оданочуваат - Собранието ги изгласа измените на Законот за ДДВ