ССМ со истражување: Кога растат платите, расте и бројот на нови фирми

ССМ со истражување: Кога растат платите, расте и бројот на нови фирми

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) излезе со истражување користејќи податоци од Централниот регистар, кадешто тврдат дека зголемувањето на платите и минималната плата не придонесува за затворање на компаниите, туку создава услови за развој и отворање нови компании и работни места.

Според ССМ, тврдењата дека фирмите ќе се затворат ако се зголемат платите се целосно невистинити, а податоците од Централниот регистар го докажуваат спротивното:

- Во 2022 година, кога минималната плата (покачена преку протести и штрајкови) се зголеми од 15.194 на 18.000 денари, беа основани 7.062 нови фирми, додека избришани или затворени беа 5.694.

- Во 2023 година, со зголемување на минималната плата од 18.000 на 20.175 денари, бројот на новоосновани фирми остана 7.062, а бројот на избришани фирми значително се намали на 3.372.

- Во 2024 година, со растот на минималната плата од 20.175 на 22.567 денари, имало 6.627 нови фирми, наспроти само 2.891 затворена.

ССМ нагласува дека овие бројки јасно докажуваат дека секое зголемување на минималната плата е придобивка, а не закана за економијата. Тие ги побиваат ставовите на газдите, владините претставници и одредени експерти кои беа гласни во обидот да спречат раст на платите.

Сојузот на синдикатите смета дека ова е причина повеќе да не се сопира процесот за зголемување на платите и бара континуиран раст – не само на минималната плата, туку и на сите останати плати.

ССМ испрати порака дека работниците не смеат да живеат со минимални примања и да имаат најниски плати во регионот, потенцирајќи дека Владата е должна да ја поддржи потребата од раст на платите, праведната распределба на профитот и да застане на страната на достоинствениот труд на работниците.

Следете ги најновите вести на Viber
ССМ со истражување: Кога растат платите, расте и бројот на нови фирми