Надзорниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје на 19 ноември донесе одлука за учество на банката на јавната берзанска аукција за продажба на обични акции издадени од Алта банка АД Битола. За оваа информација банката ја извести јавноста преку официјално соопштение објавено на Македонската берза.
Според објавените информации, учеството се однесува на Објавата за продажба на обични акции од Алта банка АД Битола, кои ќе бидат понудени на продажба преку Македонската берза на хартии од вредност по пат на јавни берзански аукции.
Со одлуката на Надзорниот одбор, Комерцијална банка АД Скопје и официјално го потврди својот интерес и вклучување во процесот на јавно наддавање за преземање на понудениот пакет обични акции на берзата.
Народната банка на 16 ноември ја објави постапката за обезбедување нов сопственик на Алта банка АД Битола преку продажба на доминантниот акционерски пакет од 372.742 обични акции, што претставува 95,33 проценти од вкупниот број акции, во сопственост на Алта банка АД Белград која е во стечај.
Продажбата се спроведува преку Македонската берза по принципот „сè или ништо“, односно се нуди целиот пакет без можност за делумно купување. Првата аукција е закажана за 30 ноември со почетна цена од 3.777 денари по акција, додека евентуалните последователни аукции се предвидени за 1, 2, 3, 4 и 7 декември, со намалување на почетната цена за десет проценти на секоја наредна аукција.
Рокот за поднесување барање до Народната банка за претходна согласност за стекнување квалификувано учество и писмена изјава за уплата на средствата е утврден најдоцна до 19 ноември, а постапката има за цел обезбедување стабилно работење на банката и заштита на штедачите и клиентите.

