Општина Кичево за првпат од осамостојувањето на државата доби Колективен договор со кој се унапредуваат и дополнително се гарантираат работничките права на вработените во општинската администрација. Договорот го потпиша градоначалникот Александар Јовановски, а како најзначајна придобивка од неговото склучување е предвиденото зголемување на платите за седум проценти годишно во период од три последователни години.
Со оваа одредба се создава основа за постепено подобрување на материјалната положба и соодветно вреднување на трудот на вработените во локалната самоуправа. Иницијативата, која започнала пред една година, е реализирана како резултат на заеднички ангажман, конструктивен дијалог и соработка меѓу општинското раководство и синдикалните претставници.
Градоначалникот Јовановски упати благодарност до претседателката на Синдикалната организација на Општина Кичево, Милена Дуртаноска, за иницијативата и посветеноста во текот на преговорите, како и до Благоја Ралпоски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати и Синдикатот на администрација, државна управа и правосудство на Македонија, за дадената поддршка и придонес при постигнувањето на договорот.
Јовановски истакна дека градењето професионална, ефикасна и одговорна локална самоуправа започнува со грижата за луѓето што работат во институцијата, преку мотивирани вработени, почитување на работничките права и обезбедување достоинствени услови за работа.

