Подготовките за програмите за директни плаќања во земјоделството за наредната година започнуваат порано, преку транспарентен дијалог со сите чинители во секторот, со цел заеднички да се дефинираат мерките за финансиска поддршка. Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, по денешната работна средба со претставници на Сојузот на одгледувачи на овци.
Како што посочи министерот Серафимовски, раното отпочнување на процесот овозможува доволно простор за темелни консултации со сточарите, при што транспарентноста во креирањето на земјоделските политики останува основен принцип во работата на Министерството за земјоделство.
Во рамките на средбата е нагласено дека искуството, трудот и знаењето на домашните одгледувачи директно се отсликуваат во препознатливиот квалитет на македонското јагнешко месо, овчото млеко и сирењето.
Серафимовски изрази уверување дека преку меѓусебно сослушување, добра волја и заедничка работа можат да се креираат одржливи решенија кои ќе придонесат за стабилност и развој на овчарството и сточарскиот сектор во целина.

