Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети фармацевтската компанија „Алкалоид“, каде заедно со генералниот директор Живко Мукаетов официјално ја пуштија во употреба новата микробиолошка лабораторија.
Оваа капитална инвестиција од 3,1 милион евра е насочена кон зајакнување на контролата на квалитетот и зголемување на конкурентноста на компанијата на светските пазари.
Новиот објект значително ги проширува капацитетите за микробиолошки анализи на суровини, полупроизводи и готови производи. Директорот Мукаетов објасни дека лабораторијата е опремена за извршување на над 20 илјади анализи годишно.
Премиерот Мицкоски, изрази големо задоволство од она што го видел во компанијата, нагласувајќи дека ваквите македонски успешни приказни се најдобриот промотор на државата во светот. Тој истакна дека Владата секогаш ќе ги поддржува компаниите кои вложуваат во развој, посочувајќи дека во Алкалоид својата иднина ја градат над 3.000 вработени. Тој додаде дека фактот што две третини од портфолиото на компанијата се извезува, директно влијае врз растот на бруто-домашниот производ и на целокупното индустриско производство во земјата.
И покрај бројните предизвици во текот на оваа година, Алкалоид бележи исклучителни деловни резултати. Мукаетов информираше дека 2025 година ја завршуваат со остварувања над планираното, постигнувајќи вкупни приходи од над 335 милиони евра и рекорден консолидиран извоз од над 220 милиони евра.