Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Одделот за организиран криминал при МВР спроведоа полициска акција во која е разоткриена криминална шема поврзана со јавни набавки, со која буџетот на „ЕСМ Дистрибуција на топлина“ е оштетен за над 7,6 милиони евра.
По координираните претреси на повеќе локации во Скопје, Куманово, Неготино, Велес и неколку други градови, поднесена е кривична пријава против 33 физички и две правни лица, при што 11 лица се веќе лишени од слобода.
Осомничените се товарат за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба, местење тендери и перење пари во износ од над два милиони евра.
Истрагата утврдила дека во текот на 2023 година, тројца вработени во „ЕСМ Дистрибуција“ заедно со управители на фирми од Скопје и Куманово формирале група на која подоцна и се приклучиле уште 26 лица. Тие ја изиграле постапката за набавка на специфична опрема, односно „СКАД мониторинг ормари“, на тој начин што однапред ги договориле техничките спецификации и понудите.
Иако вредноста на набавката не била јавно објавена, фаворизираната фирма од Скопје доставила понуда речиси идентична со проценетата сума, додека фирмата од Куманово учествувала со фиктивна понуда со непотполна документација за да го олесни изборот на претходно договорениот победник.
Откако скопската фирма го добила договорот и се стекнала со противправна корист од околу 472 милиони денари, осомничените во периодот до 2025 година започнале со прикривање на потеклото на парите. Преку низа трансакции, тие пуштиле во оптек околу 2 милиони евра, со што го извршиле кривичното дело перење пари.
Судија на претходна постапка веќе прифати дел од предлозите на обвинителството, па така за седум лица е одреден притвор, додека за шестмина се изречени мерки за обезбедување присуство. Полицијата продолжува со активностите за пронаоѓање на лицата по кои сè уште се трага.