Промовирани е-Киоск за вадење документи на терминал и е-Сандаче за официјална комуникација со државата

Промовирани е-Киоск за вадење документи на терминал и е-Сандаче за официјална комуникација со државата

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска се обратија на конференцијата за промоција на националната ИКТ Стратегија СМАРТ/МК 2030.

Во своето излагање, министерот Андоновски нагласи дека дигиталната трансформација не е само концепт, туку процес што се реализира преку конкретни и мерливи решенија дизајнирани директно да го подобрат секојдневието на сите граѓани, без разлика на нивните дигитални вештини или пристапот до технологија.

Како клучни столбови на овој процес беа промовирани терминалите за услуги, познати како е-Киоск, и системот е-Сандаче.

Терминалите е-Киоск се претставени како практично решение за дигитална инклузија кое ќе биде достапно 24 часа, седум дена во неделата. Овие уреди ќе бидат поставени на фреквентни локации низ целата држава, овозможувајќи им на граѓаните со лична карта или пасош веднаш да извадат и испечатат потребни документи. Овој проект е од особено значење за руралните средини, повозрасните лица и сите оние кои немаат постојан пристап до интернет, со што се премостува јазот во административните капацитети на општините.

Паралелно со терминалите, министерот го образложи и значењето на е-Сандачето, кое претставува официјален и безбеден дигитален канал за комуникација меѓу државата и граѓаните. За разлика од обичната електронска пошта, е-Сандачето е правно валиден систем за прием на службени решенија, документи и известувања со потврда за прием. Системот овозможува нотификации во реално време и следење на статусот на предметите, што значително ја забрзува административната комуникација и го елиминира чекањето на шалтери.

Заклучувајќи го своето обраќање, Андоновски потенцираше дека преку документот за менаџмент системите, интероперабилноста и новите дигитални алатки, државата спроведува темелна и европска дигитална трансформација.

Целта на овие реформи е создавање на ефикасна и достапна дигитална држава која ќе биде во служба на секој поединец, обезбедувајќи брзи и транспарентни услуги за сите.

Следете ги најновите вести на Viber