ЕУ нè награди за реформите: Добивме рекордна финансиска поддршка, повеќе од Албанија и Црна Гора

ЕУ нè награди за реформите: Добивме рекордна финансиска поддршка, повеќе од Албанија и Црна Гора

Европската комисија официјално одобри и стави на располагање 65,7 милиони евра за нашата држава во рамки на Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан. Оваа информација ја сподели министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој потенцираше дека ова е највисокиот износ доделен во целиот регион.

Додека нашата земја добива речиси 66 милиони евра, за споредба, Албанија од истиот инструмент ќе добие 49 милиони евра, а Црна Гора 44,2 милиони евра. Според Муцунски, оваа одлука на Брисел е јасна потврда за силната посветеност на Владата кон реформите, успешното исполнување на обврските од Планот за раст и ефикасната имплементација на европските стандарди, но и признание за институционалниот капацитет на државата.

Од вкупната сума која веќе е одобрена, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет за поддршка на макроекономската стабилност и реформите. Преостанатите средства ќе бидат наменети за конкретни инвестициски проекти кои ќе се реализираат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), со што директно ќе се влијае на подобрување на инфраструктурата и економскиот развој.

Оваа финална одлука на Европската комисија доаѓа по најавите кои министерот Муцунски ги даде пред неколку недели, кога укажа дека државата со сериозен пристап ги завршува сите подготвителни процеси за повлекување на средствата од европскиот План за раст.

Асоцијација (03 јуни 2026)