Историското проширување на Светското првенство на 48 репрезентации донесе и рекорден финансиски колач во историјата на екипниот спорт. Светската куќа на фудбалот (ФИФА) за овој турнир издвои вкупен буџет од 871 милион долари, што претставува огромно зголемување во споредба со претходните мундијалски циклуси.
Рекордниот фонд е овозможен благодарение на зголемениот број натпревари, историските приходи од ТВ-правата, спонзорските договори и распродадените гигантски стадиони низ САД, Канада и Мексико.
Шампионска премија од 50 милиони долари
Новиот светски шампион, Шпанија ќе инкасира рекордна награда од 50 милиони долари само за постигнатиот спортски резултат на теренот. Оваа сума е за 8 милиони долари поголема од премијата што ја освои Аргентина на Мундијалот во Катар.
Финалистот и освојувач на сребрениот медал, Аргентина ќе си замине со 33 милиони долари, додека репрезентацијата на Англија за освоеното трето место ќе добие 29 милиони долари. Четвртопласираната Франција го заврши турнирот со заработка од 27 милиони долари.
Загарантиран минимум од 12,5 милиони долари за сите учесници
Покрај наградите за остварениот резултат во елиминациската фаза, сите 48 репрезентации учеснички добија и фиксна поддршка за покривање на трошоците. ФИФА на секој национален сојуз му префрли 2,5 милиони долари за подготовки и тренинг-кампови пред почетокот на турнирот, како и 10 милиони долари за самата квалификација. Со тоа, секоја репрезентација што избори учество на овој Мундијал си обезбеди минимум 12,5 милиони долари, дури и во случај да ги загуби сите три натпревари во групата.
Сите финансиски награди ФИФА ги исплаќа директно на сметките на матичните фудбалски федерации. Секој сојуз има сопствени интерни правилници за тоа колкав процент од оваа сума им се доделува на фудбалерите и стручниот штаб како премија, додека поголемиот дел од парите задржуваат намена за развој на домашната фудбалска инфраструктура и младинските школи.

