Археолошкото одделение при НУ Музеј Куманово ги заврши тавогодишните археолошки истражувања на локалитетот Градиште во селото Младо Нагоричане. Под раководство на кустосот советник и археолог Дејан Ѓеорѓиевски, теренските работи донесоа исклучителни наоди кои потврдуваат постоење на античко светилиште од IV и III век пред новата ера.
Ископувањата беа фокусирани на секторот Долна тераса, каде што беа откриени ѕидови од градба со питоси, меѓу кои се издвојува еден сад со уникатен печат. На устието од овој питос е утиснат отисок од прстен со претстава на женско божество, веројатно Деметра, која во едната рака држи рог на изобилие, а со другата прави течна жртва над триножник. Покрај ова, откриен е и огромен ограден ѕид кој го одделувал просторот за обреди (теменос) од остатокот од населбата.
Во непосредна близина на оградниот ѕид археолозите открија помала просторија со остатоци од обилна трпезна керамика и животински коски од диви свињи и кози, што укажува на одржување ритуални гозби и симпозиуми. Меѓу богатиот материјал се наоѓаат импортирани луксузни садови, како црнофирнизирани кантароси, лампа и фрагменти од керамички фигурини.
Особено значаен и редок наод се остатоците од луксузно декориран кревет, односно делови од профилирана ногарка и аплика со претстава на божество кое лежи на кревет (клине). Ваквиот тип декорација нема многу паралели на овие простори и досега е среќаван главно во богатите антички гробови во Пела и кралските гробови во Ајга (Вергина).
Според раководителот Ѓеорѓиевски, ова светилиште по својата функција наликува на познатото светилиште на Деметра и Персефона во Коринт. Наодите зачувани на локалитетот Градиште покажуваат дека оваа населба имала развиена трговија и била целосно вклучена во културните и цивилизациските текови на древното Македонско Кралство. Истражувањата се дел од Годишната програма на НУ Музеј Куманово, поддржани и финансирани од Министерството за култура и туризам.

