Управата за јавни приходи (УЈП) соопшти дека истече законскиот рок за плаќање на месечните обврски за јули, при што евидентиран е значителен број на неплатени даноци и придонеси.
Според податоците од УЈП, 2.129 даночни обврзници не ја платиле месечната аконтација за данок на добивка за јули 2025 година. Во исто време, кај 11.555 обврзници не е евидентирана исплата на бруто плати и социјални придонеси за истиот месец.
Иако дел од овие обврски може да се подмират преку пребивање со даночни побарувања, УЈП нагласува дека тоа не ги исклучува законските обврски за плаќање во предвидениот рок.
За да ги поттикне даночните обврзници да ги подмират своите долгови, Управата вчера достави персонализирани известувања до сите засегнати.
УЈП потсетува дека овие средства се клучни за финансирање на буџетските потреби, вклучувајќи ги здравството, образованието и социјалната сигурност. Затоа, нагласуваат дека во наредните денови ќе започнат со законски мерки за присилна наплата против оние кои нема да ги подмират своите обврски.