Во пресрет на новата учебна година, Општина Кисела Вода обезбедува значајна поддршка за семејствата и домашниот буџет на своите жители. Вкупно 5.500 ученици од сите основни училишта на територијата на општината ќе добијат бесплатни училишни униформи.
Оваа мерка има за цел да обезбеди социјална еднаквост и да го олесни финансискиот товар на родителите пред почетокот на училишните обврски.
Покрај униформите за сите основци, посебно изненадување и поддршка е подготвена за најмладите. Секое прваче што оваа есен за првпат ќе седне во училишните клупи во Кисела Вода ќе добие комплетно опремено ранче со сиот потребен училишен прибор за почетокот на образовниот процес.
Од општинското раководство истакнуваат дека преку овие системски мерки се креира образовен амбиент ослободен од социјални разлики меѓу децата.
Главната цел на овој долгорочен проект е да им овозможи на учениците целосно да се фокусираат врз училишните обврски, личната надградба и другарството, додека родителите ќе бидат растеретени од почетните трошоци за учебната година.

