Поранeшен директор и шеф на обезбедување украле 185 тони железо во Тутунски комбинат Прилеп

Поранeшен директор и шеф на обезбедување украле 185 тони железо во Тутунски комбинат Прилеп
Сподели:

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривични пријави против три физички и едно правно лице од Прилепско поради сомнение за сторени повеќе сериозни кривични дела. Со извршените злоупотреби, пријавените директно го оштетиле буџетот на АД „Тутунски Комбинат“ – Прилеп за вкупен износ од 3.338.328 денари.

Кривичните пријави се поднесени против 59-годишниот Љ.Б. (поранешен координатор на група за обезбедување), 60-годишниот К.С. (поранешен генерален извршен директор на комбинатот), 41-годишниот Ј.Д. (сопственик на фирма за откуп на отпад) и правното лице – фирма за откуп и продажба на отпадни материјали од селото Мало Коњари.

Според полицискиот извештај, малверзациите се случувале во текот на првото тримесечие од 2022 година. По усмен предлог на тогашниот генерален директор К.С., му било овозможено на координаторот за обезбедување Љ.Б. спротивно на правилата тој лично да ја спроведе продажбата на отпад наместо официјалниот референт за управување со отпад.

Во текот на февруари 2022 година, Љ.Б. во соработка со сопственикот на фирмата за откуп Ј.Д. прикриле најмалку 185.000 килограми (185 тони) отпадно железо од Работната единица „Заводи – Мажучиште“. Железото било предадено и откупено од фирмата од с. Мало Коњари по цена повисока за два денари од килограм, но оваа количина никогаш не била евидентирана на сметката на Тутунскиот комбинат.

За да се прикрие трагата на парите, овластената фирма изготвила фиктивни откупни белешки за предаден отпад на име на осум физички лица кои биле блиски роднини и пријатели на првопријавениот Љ.Б., со просек од околу 25.000 килограми по лице.

Паричните средства во вкупен износ од над 3,3 милиони денари биле префрлени на банкарските сметки на овие лица, како и на личната сметка на Љ.Б. По префрлањето, лицата ги подигнувале парите во готово и му ги предавале на координаторот.

На АД „Тутунски Комбинат“ Прилеп од целата зделка и вистинската вредност на отпадот од страна на фирмата од Мало Коњари ѝ биле исплатени само 1.274.560 денари, со што комбинатот претрпел огромна материјална штета.