Fitch Ratings го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед

Fitch Ratings го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед

Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потвди кредитниот рејтинг на Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед. Во својот извештај, „Фич“ нагласува дека кредибилните и доследни макроекономски политики, долгогодишната политика на фиксен девизен курс и подобрите показатели за управување во однос на земјите со слична оценка остануваат клучни фактори што ја поддржуваат стабилноста.

Во првата половина од 2025 година, реалниот БДП порасна за 3,2%, поддржан од силна приватна потрошувачка и зголемен извоз. Економските изгледи за следниот период се позитивни. „Фич“ очекува економијата да оствари раст од 3,2% за целата 2025 година и просечно 3,4% во периодот 2026–2027, што е над потенцијалниот долгогодишен раст од околу 3%.

Посветеноста кон процесот на евроинтеграции е дополнително препознаена како сидро за спроведување на структурни реформи и зајакнување на институциите.

Иако се очекува умерено намалување на странските директни инвестиции по рекордните 7% од БДП во 2024 година, тоа главно се должи на недостиг на работна сила и глобалната неизвесност во автомобилската индустрија. Според Фич, ограничувачки фактори за економскиот развој се негативните демографски трендови како и нискиот раст на продуктивноста, кои претставуваат структурни предизвици на среден рок.

„Фич“ ја нотира одложената имплементација на Законот за буџети, заради инвестициските активности и очекува постепено намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг на ниво значително под прагот од 60% од БДП на среден рок.

Потврдата на кредитниот рејтинг на „BB+“ со стабилен изглед е значаен сигнал до меѓународните финансиски пазари и инвеститорите дека РС Македонија успешно ја зачувува економската стабилност во услови на глобални предизвици.

Следете ги најновите вести на Viber
Fitch Ratings го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед