Управата за јавни приходи (УЈП) објави јавен повик до угостителите и трговците на мало, потсетувајќи ги на нивните обврски да ги коригираат даночните пријави и да го пријават скриениот промет.
Според податоците на УЈП, од јануари до август 2025 година, извршени се над 3.700 теренски контроли, при што кај околу една третина од субјектите биле откриени неправилности, како што се неиздавање фискални сметки и непријавен готовински промет.
Во рамките на оваа акција, УЈП испратила известувања до повеќе од 1.000 даночни обврзници кои претходно биле санкционирани. Тие се повикани да ги коригираат своите даночни пријави, да го пријават скриениот промет и да го платат данокот што го должат.
„Ако не се испочитуваат повиците, УЈП ќе ги примени сите механизми за процена на скриениот промет, наплата на данокот и други санкции“, изјавија од Управата.
Оттаму додаваат дека оваа акција не е „лов на грешки“, туку има за цел воспоставување ред и намалување на сивата економија. УЈП го нагласува сериозниот карактер на повикот и апелира сите обврзници да ги исполнат своите даночни обврски во дадениот рок.