Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, оствари работна средба со Министерот за транспорт, Александар Николоски, на која детално се разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во општината.
Вкупната владина поддршка за Општина Карпош изнесува околу 11 милиони евра обезбедени преку двата активни повици за капитални проекти, од кои околу 5,5 милиони евра се реализираат директно преку Министерството за транспорт.
Во рамките на новиот инвестициски циклус предвидено е уредување на плоштади, изградба и реконструкција на улична мрежа, атмосферска и фекална канализација, како и унапредување на јавниот простор согласно потребите на граѓаните.
За време на средбата се дефинирани неколку конкретни приоритети за општината. Посебно внимание е посветено на плочникот на плоштадот Порта Влае, за кој е предвидена изработка на проект, по што ќе следува целосно уредување и ревитализација на просторот.
Исто така, разговарано е за санација на свлечиштата во деловите околу Козле, Трнодол и Жданец, каде што во тек е изработка на стручни проекти од страна на Градежниот факултет, по што Општината и Министерството за транспорт заеднички ќе пристапат кон нивна реализација.
Како едно од клучните прашања е истакнато и решавањето на проблемот со паркирањето во Карпош, па во соработка со Општината и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор се подготвуваат решенија за изградба на катни гаражи и подземни паркиралишта со цел да се обезбедат повеќе паркинг-места и истовремено да се зачуваат зеленилото и парковите, со крајна цел во следните две до три години да се создаде сеопфатно и одржливо решение за паркирањето во општината.

