Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) објави јавен повик за изразување интерес за организирање на саемот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна - Скопје“. За оваа намена, преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година, се обезбедени 1.000.000 денари кои покриваат 100 проценти од прифатливите трошоци за организација.
Право на учество на повикот имаат регистрирани здруженија од областа на земјоделството, јавни научни и образовни установи, единици на локалната самоуправа, стопански комори и земјоделски задруги. Заинтересираните субјекти треба да достават свои предлог-проекти во затворен плик до архивата на МЗШВ во рок од 15 дена од денот на објавувањето.
Клучниот услов што организаторот мора да го исполни е обезбедување на најмалку 50 изложувачи на традиционални и домашни земјоделски производи. Дополнително, предлогот треба да содржи концепт за изложбен, едукативен и културно-промотивен дел, детален финансиски план и нотарски заверени изјави дека проектот не се финансира од други извори.
Финансиската поддршка ги покрива трошоците за закуп на простор, штандови, бина и опрема, огласување во медиумите и изработка на промотивни материјали. Во случај на повеќе пријавени кандидати кои ги исполнуваат сите критериуми, предност ќе има субјектот кој прв ја поднел документацијата во архивата на министерството.

