Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски денеска ги промовираа новите 100 амбулантни возила со кои значајно се зајакнуваат капацитетите на Итната медицинска помош во целата држава.
Новите возила се опремени со современи медицински апарати, вклучувајќи напредни дефибрилатори со пејсинг, ЕКГ и ST/QT мониторинг, кислородна и респираторна опрема за сите возрасни групи, автоматски носилки и системи за намалување на вибрациите, што овозможува третманот на пациентите да започне уште за време на транспортот.
Премиерот Мицкоски нагласи дека набавката е дел од постапниот процес за решавање на децениските проблеми во здравството, при што најави и идно проширување на возниот парк со уште 50 дополнителни возила во 2027 година, со што вкупниот број на амбулантни возила ќе достигне 200.
Министерот Клековски појасни дека набавката на возилата е само прв чекор во подлабоката системска реформа на итната медицинска служба. Реформата предвидува издвојување на Итната медицинска помош како посебна установа, почнувајќи од Скопје, вклучување парамедици во медицинските тимови, воспоставување национален систем за тријажа за еднакво постапување на целата територија, како и формирање национален диспечерски центар со дефинирани показатели за успешност (KPI).
Покрај реформата во итната помош, премиерот Мицкоски ги објави и клучните капитални проекти во здравствениот сектор што ќе се финансираат во соработка со Светската банка и Европската инвестициска банка. Одобрувањето на средствата се очекува кон крајот на првиот квартал од следната година, со цел изградбата да започне на крајот од вториот или почетокот на третиот квартал.
Овие инвестиции ги опфаќаат докомплетирањето и изградбата на Клиничката болница во Штип со фокус на современа технологија, доизградбата на Здравствениот дом со проширена дејност во Кичево, како и новата клиничка болница во Тетово. Дополнително, се разгледуваат две парцели за новиот Клинички центар во Скопје во близина на ГОБ „8 Септември“, ПЕТ-центарот и Поликлиниката „Букурешт“, за што во соработка со Општина Карпош се планираат и нови паркинг-капацитети.

