Царинските службеници на граничниот премин Богородица спречија обид за криумчарење златен накит во вредност од четири милиони денари. Накитот, со вкупна тежина од 612 грама и распореден во 77 парчиња, бил скриен во внатрешноста на перница за врат што ја носел патник од Тетово, сопственик на златарски дуќан.
Случајот бил откриен при детален преглед на автобус кој сообраќал на редовна линија од Истанбул за Гостивар, откако никој од патниците претходно не пријавил стока за царинска контрола.
Во рамките на предистражната постапка што ја спроведе Одделението за истраги при Царинската управа, обезбедени се докази кои потврдуваат дека осомничениот го набавил златниот накит од златарска работилница во Истанбул со намера нелегално да го внесе во државата и да го пласира во продажба во својата златара.
Против сторителот е поднесена соодветна кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“ согласно Кривичниот законик. Од Царинската управа порачуваат дека продолжуваат со интензивните активности за спречување на нелегалната трговија, заштита на буџетот и обезбедување услови за фер економски сообраќај.

