Мицкоски одбива покачување на платите на судиите и обвинителите

Мицкоски одбива покачување на платите на судиите и обвинителите

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска изјави дека не гледа причина за зголемување на буџетот, а со тоа и на платите на судиите и обвинителите, потенцирајќи ја одговорноста на Владата за трошењето на народните пари.

Мицкоски посочи дека правосудниот систем во Македонија веќе добива значително повисоки средства од буџетот во споредба со повеќето земји членки на Европската Унија.

„Јас навистина не гледам потреба зошто овој процес на сила да го буткаме. Македонија како држава одвојува од буџетот пари за правосудниот систем, повеќе од 75 проценти од земјите членки на ЕУ.“ изјави Мицкоски.

Мицкоски се повика на анализа финансирана од Советот на Европа (податоци од 2022 година), според која Македонија издвојува 0,39% од својот БДП за правосудниот систем, што е над европскиот просек (медијана од 0,21%).

Тој ја отфрли идејата за покачување на буџетот за судството на 0,8% и за обвинителството на 0,5% (вкупно 1,3% од БДП), што би изнесувало околу 260 милиони долари годишно. Наместо тоа, тој предложи прифатлива бројка од 0,35% од БДП (0,25% за судови и 0,1% за обвинители).

„Ќе повторам, има претседатели на судови кои што имаат месечни примања од околу 180.000 денари, отприлика 3.000 евра месечно. Јас како премиер, мојата плата заедно со стажот е 155.000 денари, значи од прилика 2.500 евра. Не мора да е многу подолу, иста нека биде на претседател на суд. Судиите немаат под 100.000 денари.“ - додаде Мицкоски.

Мицкоски ја спореди и платата на судија почетник во Македонија (годишна бруто плата од околу 19.134 евра) со Словенија (34.000 евра), укажувајќи дека иако словенечката плата е 85% повисока, нивниот БДП е 350% поголем.

Во однос на оперативната независност на судството, Мицкоски најави дека Владата ќе донесе закон со кој ќе им дозволи на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители да ги одредуваат плановите за вработување и унапредување.

Следете ги најновите вести на Viber
Мицкоски одбива покачување на платите на судиите и обвинителите