Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ доби нов апарат за магнетна резонанца, кој значително ќе ги унапреди дијагностичките процедури и ќе го скрати времето на чекање за пациентите. Клиниката денеска ја посетија министерот за здравство, Азир Алиу и премиерот Христијан Мицкоски.
Министерот Алиу истакна дека ова е дел од континуираните напори на Владата и Министерството за здравство за унапредување на дијагностичките процедури, со цел овозможување здравствени услуги во реално време и со повисок квалитет.
Директорот на клиниката, Небојша Настов, посочи дека новиот апарат е дел од инвестиција во најсовремена медицинска опрема во вкупна вредност од 90 милиони денари, обезбедена минатата година.
Настов појасни дека новата генерација на апарати за магнетна резонанца директно ќе влијае на бројот на прегледи и нивното времетраење. Со претходниот апарат, кој бил стар 16 години, годишно се извршувале околу 4.000 магнетни резонанци, додека со новиот апарат, очекувањата се за најмалку 5.000 снимања годишно, со истовремено скратување на времето на самите прегледи.
Покрај апаратот за МР, директорот информираше дека во клиниката се обезбедени и два нови лапароскопски столба и инструменти за трауматологија. Имплементацијата на оваа опрема се очекува да го намали притисокот врз дијагностичкиот сектор и да обезбеди побрз пристап до квалитетна здравствена нега за пациентите.